Камиони

Македонски тим на финалното натпреварување на ВИСТА 2022

Помеѓу четириесет и еден тим од целиот свет, на финалето во Гетебург, на почетокот на Септември, учествуваше и екипата „Magic“ од „Volvo Trucks“ центарот Македонија, во состав на Благоја Алексовски, Панајоти Поповски, Спасе Јаневски и Ивица Деспотовски.

Шеесет и второ одмерување на знаења, вештини и брзина, ВИСТА 2022, помина под слоган ПОВЕЌЕ ОД НАТПРЕВАРУВАЊЕ. За овогодишното натпреварување се пријавија 16,250 учесници од 4,360 тимови од целиот свет. Традиционално, помеѓу учесниците беа и вработени од работилница за сервис „Volvo Trucks“ Македонија.
 

Во квалификацијата за финалето, за регионот „Adriatic South“, покрај екипата од Македонија, учествуваа и тимови од Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Албанија, односно вкупно 81 учесник од 23 тимови. За финалето во централата на „Volvo Trucks“, во Гетебург, се пласираше и македонската екипа „Magic“, пред која, како и пред сите други учесници, претстоеше голем предизвик – во интензивните натпреварувачки денови да се совладаат сложените задачи на неколку стручни работни станици, и тоа по само 25 минути на секоја од станиците. Како најуспешни се покажаа победниците на овогодишното натпреварување, членовите на екипата „Kiired Insenerid“ од Естонија.

„Volvo Trucks“ посветува посебно внимание на постојаната едукација и усовршувањето на сервисните техничари, по програмите кои се спроведуваат на глобално, регионално и локално ниво. Покрај обука за нови производи и услуги, сервисните техничари се запознаваат и со актуелните и идните трендови кои ги прати и предвидува „Volvo Trucks“, генерално во камионската индустрија. Истовремено, во сервисните работилници се постигнува размена на искуства меѓу членовите на сервисните тимови, а сѐ со цел на корисникот да му се пружи професионална сервисна услуга од највисоко ниво. Еден од начините за постигнување на таа цел се и натпреварувањата, или подобро кажано своевидниот тренинг на Волво сервисните тимови од целиот свет, веќе традиоционалната ВИСТА, односно најголемото светско натпреварување за вработени во постпродажба на камиони и автобуси во светот.