Камиони

Ylva Dalerstedt
2024-01-18
Одржливост Заштедете гориво
Author
Ylva Dalerstedt
Segment Manager Long Haul

Како ажурираната Директива за евро-вињети ќе влијае врз оперативните трошоци на камионот

Патарините за камиони во ЕУ се менуваат и давачките драстично ќе се зголемат, особено за камионите на дизел и на гасен погон. Германските патарини, MAUT, ќе бидат првите што ќе ја воведат најновата Директива за евро-вињети. Па, како ќе функционира MAUT и што ќе направат операторите на камиони за да ги намалат емисиите и трошоците? 
 

Во март 2022 година беше ревидирана Директивата за евро-вињети која ги регулира патарините за камиони во ЕУ. Согласно новите правила, патарините за камионите што патуваат на главните автопати во Европа претежно ќе се префрлат од такви што се засновани на времето на такви што се засновани на полнењето според фактички извозените километри до 2030 година.
 

Од земјите-членки на ЕУ исто така ќе се бара да определат различни тарифи за наплата на патарини врз основа на класата на емисии на CO2 на камионот. Класата на емисиите ќе биде одлучена според оценката VECTO на камионот, стандардизирана пресметковна алатка на ЕУ за мерење на емисиите на CO2 врз основа на податоците внесени од производителот. Од јануари 2019 година, сите нови камиони што се продаваат во ЕУ со бруто тежина на возилото од над 3,5 тони, мора да доаѓаат со сертифицирана декларација за CO2 и за потрошувачката на гориво, креирана од страна на VECTO.
 

Сега, бизнисите со камиони во Европа се еден чекор поблиску до тоа да се види оваа реформа на дело. Германија ќе биде првата што ќе го ажурира својот систем MAUT (германски за патарина) со промените што стапуваат во сила од 1 декември 2023 година.
 

„Амбицијата на ЕУ не е само за усогласување на патарините за камиони низ Европа. Таа е за да се поттикнат бизнисите со камиони да се префрлат на почисти камиони за да се помогне во исполнувањето на претстојните климатски цели. За да го направи тоа, помалку еколошките камиони ќе станат поскапи за работа, поттикнувајќи ги бизнисите со камиони да купуваат подобри алтернативи“, вели Илва Далерштет, Менаџер на сегментот, Возење на долги растојанија, Volvo Trucks. 

Како ќе го специфицирате вашиот камион за да се намали потрошувачката на гориво, а паралелно со тоа и емисиите на CO2, ќе има голема улога во однос на трошоците.

Начинот на којшто MAUT моментално им наплаќа на компаниите за камионски транспорт значи дека е во добра положба да ја воведе реформата од Директивата на ЕУ. Тој веќе применува тарифи за загадување на воздухот и патарините се засновани на растојанието и се надгледувани од страна на владата. За земјите-членки што на ист начин ги имаат уредено своите патарини (Полска, Белгија, Австрија, Чешка, Унгарија, Словачка, Словенија и Бугарија), крајниот рок за воведување на новите барања е во март 2024 година.
 

Колку ќе ги чини бизнисите за камионски транспорт ажурираниот MAUT и како тој ќе функционира?

За камионите што возат низ Германија, патарината значително ќе се зголеми. На пример, цената на еден километар за камион на дизел 4x2 речиси ќе се удвои – од 19 центи на 34,8 центи. Претходно, камионите на гасен погон беа ослободени од плаќање патарина за загадување, но наскоро, без разлика дали камионот работи на обновлив биогас или на необновлив природен гас, ќе се наплаќа 33,2 центи по километар*, речиси исто како камионот на дизел. Тоа е затоа што пресметката на VECTO ги зема предвид само емисиите на CO2 од издувниот систем.
 

Сепак, камионите може да се оптимизираат за да задоволат подобра класа на емисии и помала патарина – па дури и малите приспособувања можат да направат голема разлика во трошоците, рече Илва Далерштет. „Намалувањето од 5% на емисиите пресметано од VECTO може да доведе до префрлање на камион 4 x 2 на дизел од класата 1 во класата 2. Дополнителното намалување од 3 % би можело да доведе до негово преместување во класата 3. Ова значи дека начинот на којшто го специфицирате вашиот камион за намалување на потрошувачката на гориво и, соодветно, на емисиите на CO2, ќе има главна улога.“
 

Системот MAUT ќе ги категоризира камионите според тежина и број на оски, а постојат пет класи на емисии (со соодветни тарифи по километар), како што е наведено во анимацијата подолу.

*Бројките се засноваат на камион тежок над 18 тони со повеќе од пет оски.

Германија ќе биде првата земја што ќе ги спроведе новите класи на емисии на 1 декември 2023 година, со трошоци што драматично се зголемуваат за камиони на дизел и на гасен погон. Вкупниот трошок за патарини зависи од тежината и бројот на оски на камионот.

Вреди да се напомене дека класификацијата на некое возило во класите за емисии на CO2 2 и 3 ќе се пресмета повторно шест години по неговото прво регистрирање (врз основа на граничните вредности што важеле во времето на ревидирањето).
 

Ова е за исполнување на траекторијата на ЕУ за намалување на емисиите за камиони – намалување од 15 % на емисиите на CO2 до 2025 година во споредба со 2019 година за дизел камионите 6x4 и 4x2 и зголемена очекувана цел до 2030 година (почнувајќи од 2025 година). Ограничувањата за класите на емисии на CO2 исто така варираат и се заоструваат секоја година.
 

Како можете да специфицирате камион за да се осигури најдоброто рангирање на VECTO?

Кога специфицирате некој камион, постојат четири клучни фактори што треба да се земат предвид за да се зголеми енергетската ефикасност – аеродинамичноста, погонот, отпорноста при тркалањето и тежината.
 

Аеродинамичноста на некој камион може да претставува до една третина од загубите на гориво на типично возење на долги растојанија на дизел погон. Обликот и дизајнот на кабината треба да го минимизираат аеродинамичниот отпор. Може да се монтираат и одбојници за воздух за да се подобри протокот на воздух околу страничните делови и над врвот на камионот.
 

Клучни се изборот на погон (за камиони на дизел) и помошни делови. Моторот, менувачот и темпоматот го имаат најзначајното влијание, а најновата технологија ја зголеми нивната ефикасност. Моторите со Turbo Compound сега обезбедуваат поголема моќност и поекономична потрошувачка на горивото, а автоматизираните трансмисии можат да користат податоци во реално време за да го оптимизираат секое менување на степените на пренос. Користењето предвидлив темпомат исто така може да штеди гориво на ридски терен.
 

Отпорноста при тркалање сочинува околу 9 % од потрошувачката на гориво на камионот, а пневматиците се главниот фактор за намалување на овие загуби. За камион за возење на долги растојанија, оптималниот пневматик треба да има низок стапен на отпорност при тркалање (идеално тоа би била ознака А во Европа), во комбинација со гумено соединение за минимално триење.
 

Конечно, спецификацијата за лесен камион исто така ќе помогне да се намалат емисиите на CO2. За возење на автопат каде што нерамниот терен не претставува фактор, возможно е да изберете полесна рамка на шасијата, предна амортизација и задна оска, помеѓу другите полесни компоненти.
 

Алтернативно, сега би можело да биде добро време да почнеме да размислуваме за камиони со нула емисии, рече Илва Далерштет. „Возилата со нула емисии, како што се електричните автомобили со батерии и електричните возила со горивни ќелии, ќе бидат ослободени од давачките за CO2 до 1 јануари 2026 година, кога ќе се воведе значително намалена стапка на патарини. Тие се очигледниот избор ако навистина сакате да го намалите Вашиот отпечаток на CO2, а потенцијално и вкупните трошоци од поседувањето на долг рок.“
 

Како ќе влијаат патарините засновани на растојанието и на CO2 врз камионската индустрија?

Иако Германија ќе биде првата што ќе ја воведе ревидираната Директива за евро-вињети, преостанатите земји-членки на ЕУ ќе треба да го сторат истото во 2024 – 2025 година. 
 

Остатокот од светот исто така започнува да покажува интерес за тоа што се случува во Европа, рече Илва Далерштет. „VECTO конкретно, внимателно го следат земји како што се Малезија и Кина што се обидуваат да применат слична алатка за пресметка врз основа на CO2 за патарини за камиони“.
 

„Ова, општо земено, претставува одлична реформа за Европа и за индустријата за камиони како целина. По прв пат, бизнисите со камиони ќе бидат охрабрени да најдат подобри решенија за намалување на емисиите на CO2, а производителите на камиони ќе имаат јасна рамка за да работат кон обезбедување на овие решенија. И тоа е она што е потребно за да се помогне во транзицијата кон нула емисии.“

Дознајте повеќе за различните патишта што водат кон иднина без фосилни горива тука или прочитајте како VECTO влијае врз сопствениците на камиони.

Related Insights