Камиони

Дали вашиот следен камион ќе се напојува со био-LNG?

| 10 минути
Транспортната индустрија полека го сфаќа потенцијалот на био-LNG како ветувачка алтернатива на дизелот. И со право. Еве некои од причините зошто био-LNG (течен природен гас) може да биде гориво за иден транспорт на долги дестинации.

Сојузник на кружната економија

Лесно е да се види зошто био-LNG (инаку познат како течен биогас) е ветувачки. Прво, тоа е вистински сојузник на кружната економија бидејќи може да се направи од суровина, како што се нејадливите делови на житото, отпадните води и отпадот од домаќинството. Ова значи дека био-LNG не е во конкуренција со снабдувањето со храна - нешто за што биогоривата се широко критикувани.

 

Процесот на производство на биогас е прилично јасен. Во постројката за биогас, различни извори на суровина се ставаат во топла средина без кислород и се обработува од бактерии. Во процесот на ферментација, сложените молекули на органска материја се разложуваат на поедноставни молекули, како алкохол, CO2 или обновлив гас метан што може да се користи за топлина и електрична енергија.

 

Кога биогасот се прочистува или надградува за да биде со квалитет на природен гас (тогаш најчесто се нарекува биометан), тој може да се компримира во био-CNG (компримиран биогас) или да се направи да е течен био-LNG (течен биогас) и да се користи во возилата. Био-LNG е високо ефикасно гориво со минимални емисии на CO2 што може да се произведува и локално, а со тоа и се намалуваат трошоците и транспортните емисии.

 

Но, и покрај неговите еколошки аспекти, постоеја тешкотии во прифаќањето на био-LNG во камионската индустрија, главно поради:
 

Цена: и покрај тоа што биогасот е направен од „отпад“ и е релативно лесен за производство, трошокот за негово производство е сепак поголем од цената на дизелот. Во голем дел тоа се должи на прашања, како економиите на обем и трошоците за дистрибуција. Со производството на биогас обично се занимаваат општините на локално ниво. Отсекогаш му недостигаа размери и стимулации за да биде навистина ефикасен бидејќи примарна цел најчесто беше третман на отпад.
 

На ова е придодаден фактот дека изградбата на постројки за биогас е комплициран потфат со многу предуслови, вклучувајќи пристап до органски отпад, обезбедување на правилни температури, влага и вид на отпад за поддршка на бактериите што емитуваат метан. Исто така, треба да произведе доволно гас за да бидат трошоците за објектот исплатливи. Инфраструктурата за полнење на био-LNG, која е спорадична во повеќето земји, е тешко да се развие поради недоволна стимулација и развој на пазарот.
 

Подемот на други алтернативи: со зголемената возбуда околу електричните возила, одредено внимание и до одреден степен инвестициите беа пренасочени од алтернативите како био-LNG. На пример, некои оригинални произведувачи ја отфрлија можноста за понатамошни инвестиции во LNG (течен природен гас) и наместо тоа се фокусираа на водород или електрични возила.
 

Значи, дали сето ова звучи како смртна казна за био-LNG?
Тешко. И, еве зошто.


Нов поглед кон отпадот

Благодарение на подемот на кружната економија, дојде до промена во ставовите - она што земјоделците, супермаркетите и општините претходно го гледаа како „отпад“ сега го гледаат како ресурс со што се зголемува снабдувачката на материјалот потребен за производство на биогас. Минатата година ланецот супермаркети Lidl најави соработка со Gasum за производство на биогас од биоотпад генериран од продавниците за храна на Lidl, а исто така користи и камиони на биогас за испорака.
 

Инвестициите ги намалуваат трошоците

Повеќе приватни компании се вклучуваат во производството и дистрибуцијата на биогас, со што треба да се зголеми ефикасноста и да се намалат трошоците. На пример, приватната компанија Biokraft AS во Норвешка ја отвори најголемата фабрика во светот за производство на течен биогас минатата година. Во меѓувреме, финско-швајцарската биотехнолошка фирма Ductor го отвори својот прв капацитет за органско ѓубриво и производство на биогас на комерцијално ниво во Мексико. Нов капацитет за анаеробна дигестија со капацитет од 70.000 тони годишно ќе се отвори во Тајн и Вер во Обединетото Кралство во февруари 2020 година. Сето ова е одлична вест за биогасот како остварлив извор на гориво!
 

Решение погодно за долги патеки

Иако електричните возила можеби го презедоа тронот на биогасот во последниве години, кога станува збор за долги дестинации, био-LNG е навистина на врвот. Не само што е можно да се носат големи количини био-LNG и да се обезбеди потребниот работен опсег за задачи на долги релации, туку е можно и да се наполни резервоарот за само неколку минути. Исто така, влијанието врз возењето и сигурноста е само мало. Volvo FH LNG, на пример, вози и работи исто како и дизел верзијата, но кога се користи био-LNG, емисиите на CO2 може да се намалат за 100 % (во споредба со дизелот).
 

Работите се движат напред и од инфраструктурен аспект; само овој месец Shell објави дека ќе ја прошири својата германска мрежа на станици за LNG на 35 - 40 локации и ќе ја снабдува со био-LNG. Компанијата исто така се стреми да се префрли на патни цистерни за LNG.
 

Спротивно на тоа, електрификацијата на долги релации е предизвик поради сегашниот опсег на батериите, нивната тежина и релативно долгото време потребно за нивно полнење.  
 

Потенцијални други употреби

Додека течната форма е најраспространетата употреба на биогасот во транспортот, брзо се појавуваат други намени. Едно интересно сценарио што се истражува е користење на биогас за производство на водород за употреба во горивни ќелии. Истражувачите дури и сфатиле како да го претвора метанот во водород во горивната ќелија преку нов катализатор. Иако сè уште е далеку од тоа да биде главно решение, ваквиот напредок е одличен начин да се намали цената и влијанието врз животната средина од производството на водород, додека истовремено се истакнува поголемата улога што биогасот може да ја игра во транспортот.
 

Значи, дали вашиот следен камион ќе се напојува со био-LNG? Па, недоволната инфраструктура за гориво и погоните за производство на биогас се секако голем предизвик. И ако живеете во дел од светот каде биогасот не е стимулиран, тоа може да биде скап избор.
 

Меѓутоа, исто така живееме и во свет во кој се бара од секој човек и компанија да размислат како да го намалат отпадот и емисиите. Транспортот не е поштеден тоа. Иако био-LNG можеби не е најочигледниот избор за многу транспортни оператори денес, сепак ќе биде во иднина како што технологијата еволуира, трошоците се намалуваат и инфраструктурата расте. За мене е само прашање на време бидејќи био-LNG ги има сите предуслови да стане главна алтернатива на дизелот; ниски емисии и висок потенцијал за гориво (способност да се замени дизелот) - со 21 % има значително повисок потенцијал од алтернативите како биодизелот (3 %)
 

Дали сте заинтересирани да дознаете повеќе за алтернативните горива и дали тие се соодветни за вашиот транспортен бизнис? Преземете го мојот водич подолу за преглед на добрите и лошите страни на некои од главните алтернативи на дизелот што би можеле да го напојуваат вашиот бизнис во блиска иднина!

Ларс Мартенсон

Lars Mårtensson works as Environment and Innovation Director at Volvo Trucks.

Сродни написи

Latest Press Release

Latest Press Release