Камиони

Се прашувате дали вашиот следен камион би можел да биде на биодизел? Еве што треба да знаете

| 5 минути
Ако ви се чини дека сè помалку луѓе зборуваат за биодизел, не грешите. Постојат јасни политички и технолошки трендови кои сугерираат дека потенцијалот на биодизелот како главна алтернатива на дизелот може да е ограничен. Еве неколку од причините зошто предностите на биодизелот исчезнуваат и што може да го заземе неговото место.

Биогоривата се произведуваат со помош на хемиски реакции и топлина за разградување на суровини како скроб, шеќери и други молекули. Поимот биогорива ги опфаќа биодизелот од прва и втора генерација кои се разликуваат по производниот процес и видот на потребната суровина. Биодизелот од првата генерација се произведува преку процес наречен естерификација со користење на јадливи култури, како семе од репка, палма и друго растително масло.  
 

Биодизелот од втората генерација, познат и како Хидротретирано растително масло (HVO) се произведува преку процес на хидрогенизација, односно третман со водород. HVO е многу пофлексибилно кога станува збор за суровина бидејќи може да се произведе од отпад со низок квалитет, како животински масти и масло за јадење или од нејадливи извори, како алги, слама, па дури и печурки.

 

Добрите и лошите страни на биодизелот

Како гориво, биодизелот има голем број на предности. Суровината е евтина, процесот на производство за претворање на суровината во енергија е релативно лесен и биодизелот испушта значително помалку CO2 кога се согорува. Може и да се користи со постоечката инфраструктура и технологија на мотори со минимални модификации, па дури и да се комбинира со дизел.
 

Сепак, веројатноста биодизелот да стане главно алтернативно гориво за камионите изгледа сè поневеројатна поради повеќе причини. Прва е ефикасноста; биодизелот има помала излезна енергија (околу 10% помалку од конвенционалниот дизел) што значи дека се потребни поголеми количини на гориво. Потоа, тука е и фактот дека биодизелот можеби не е погоден за зимски услови бидејќи температурата на која горивото се зацврстува е многу повисока од дизелот. Употребата на биодизел исто така може да предизвика оперативни проблеми, како затнување на инјекторот.
 

Без разлика на ефикасноста и технологијата, друго прашање околу широкото усвојување на биодизелот е одржливоста. Критичарите на првата генерација биогорива тврдат дека производството на суровина води до уништување на шумите.
 

Потоа, тука е и потенцијалниот конфликт на првата генерација на биодизел со производството на храна, што пак би можело да има влијание врз цените на храната, бидејќи повеќе земјоделски земјишта ќе се наменат за производство на суровината за гориво. Ваквите грижи имаа големо влијание врз еколошкиот аспект на биодизелот, што ја поттикна Европската комисија да заклучи дека биогоривата засновани на растителни култури нема да бидат подобни да се вбројат во целите на ЕУ за националните влади за транспорт со обновливи извори.

 

HVO: достоен конкурент?

Со оглед на предизвициве, поборниците на биодизелот го пренасочија својот фокус кон алтернативи за кои помалку би се трошела вода и земја, како HVO произведено од органски отпадни производи. Високиот квалитет на HVO како гориво и потенцијалот што многуте производители на нафта, особено оние во Европа, го гледаат во неговото користење за да се решат проблемите со вишокот капацитет и профитабилноста во рафинериите, ги зголеми инвестициите во оваа област. Најмалку три нови европски инвестиции за HVO се најавени неодамна кои ќе му помогнат на пазарот да порасне за речиси 88,5 % во следните 3 години. Постои зголемен интерес и од Азија и Блискиот Исток.
 

Значи, дали HVO би може да е решението за неуспешноста на биодизелот? Па, да и не. HVO има многу предности, но сепак е гориво што е скапо за производство во повеќето делови на светот и страда од недостаток на доволно суровини. И покрај растечките инвестиции, масовното производство на HVO е предизвик што значи дека веројатно нема да доминира на пазарот на алтернативни горива во скоро време, иако со сигурност може да го промени начинот на кој изгледа секторот за биодизел денес. Гледано како целина, можеби е најдобро да се заклучи дека најисплатливата употреба на првата и втората генерација на биодизел ќе биде како мешавина со денешните фосилни горива.
 

 

Дополнување на другите алтернативни горива

Иако биодизелот можеби не е моментален одговор за иднината без јаглерод, тој секако може да биде дополнување на другите алтернативни горива, како LNG и електромобилноста. Подготвив водич кој ги опишува добрите и лошите страни на некои од најдискутираните алтернативи на дизелот денес.

Ларс Мартенсон

Environment and Innovation Director at Volvo Trucks.

Сродни написи