Камиони

Поефикасна потрошувачка и подобрени карактеристики на возење на камионите на Volvo

Секој процент што може да се заштеди во потрошувачката на гориво е важен за профитот на сопственикот/корисникот на камионот Volvo, а со заострувањето на регулативите за емисија на издувни гасови и енормното зголемување на цената на дизелот и течноста AdBlue, ефикасноста во потрошувачката е поважна од кога ило порано. Без да влијае на перформансите, Volvo ги надгради погонските единици, ја подобри аеродинамиката и го направи возењето на своите тешки камиони покомотно.

Најважни се адаптациите на трите Volvo мотори на нормите Euro 6 step E: D13TC, D13 eSCR и D11 eSCR, на кои истовремено се направени бројни подобрувања за да бидат поефикасни од кога било досега. Моторот D13TC, најефикасната енергетска единица на Volvo на долги растојанија во целата историја на компанијата, е иновирана со намалено внатрешно триење,  вградени се патентирани клипни комори во форма на бран кои го прават согорувањето исклучително ефикасно и подобрен е разладниот систем за рециркулација на издувните гасови кои ја намалуваат количината на азотни оксиди за време на процесот на согорување. Ова пак значи дека е потребна помалку течност AdBlue, што придонесува за намалување на вкупните трошоци за гориво. Намалена е и тежината на овој мотор. Дополнително, минималната брзина на темпоматот е намалена на 4 km/h. Истите промени се направени и кај моторите D13 eSCR и D11 eSCR Euro 6 Step E. За уште поголема флексибилност во изборот на гориво, моторот D13 eSCR со номинална моќност од 460 и 500 КС сега е достапен и за користење биодизел B100.

Потсетуваме дека уште во 2019 година, Volvo презеде еден од големите чекори во обид значително да ја намали потрошувачката - во својата понуда вклучи камиони Volvo FH со технологија I-Save, кои при експлоатација на долги растојанија потврдија дека се прави заштеда на трошоците за гориво до 10%.
 

Заедно со надградените мотори, Volvo го надгради добро афирмираниот менувач I-Shift, кој за прв пат беше претставен во 2001 година и до денес е инсталиран во повеќе од милион камиони. Промените на брзините се уште побрзи и полесни, што значително го подобрува целокупното искуство во возењето, особено кога возилото „се мачи“ на угорницата. Заедно со моторите D13, инсталиран е и нов систем на квачило. Со софтверот оптимизиран за примена во градежништвото, I-Shift овозможува лесно изведување на прецизни маневри. I-Shift во верзијата со бавни брзини овозможува возење со брзина од 0,5 km/h. Новина е и функцијата за промена на насоката: менувачот им овозможува на возачите да ја изберат насокатаод напред кон рикверц и назад без да ја префрлат ногата од педалата за гас на педалата на сопирачката (достапна за софтверската опција AVO-ENH). I-Shift со режимот на возење надвор од патот го минимизира бројот на промени во брзината што мора да се направат при возење на груби површини и стрмни наклони. Исто така, го олеснува стартувањето при влечење тешки товари или качување по ридови.

Заедно со иновативните мотори и менувачи, Volvo го претстави и новиот интелигентен софтвер I-Torque, кој користи податоци од софтверот I-See за автоматско пресметување на оптималниот вртежен момент на моторот за одредена рута. Автоматски се активира при возење со темпоматот поставен на Еко режим и е особено корисен при возење на ридски терен. I-Torque е достапен со нови пакети за економичност на горивото за моторите D13 и D16 Euro 6, за сите бруто комбинирани тежини.

Аеродинамичните подобрувања на кабините FH, FM и FMX го минимизираат отпорот на воздухот и заштедуваат гориво, што е особено важно за долголиниските варијанти. Кај моделите FH и FM, подобрени се заптивките околу предната табла и предните помошни светла, поставен е нов капак на држачот за ретровизорот, додека промените на браниците го подобруваат протокот на воздух околу лакови на тркалата. Дополнително, кај возилата од семејството FH подолг е додатокот на вратата, а спојлерот на покривот на кабината XHSL има нов додаток за подобрување на протокот на воздух (стандард со опција за спојлер на покривот за кабини високи до четири метри).

Уште едно ажурирање, кое е особено корисно за возење по автопат, е новата електронски контролирана варијабилна пумпа за серво волан, PSP-VAR2. Оваа опција им дава на возачите попрецизна контрола на управувањето, што значи дека може да ја намали потребната енергија додека се вози право, напред. За потребите на клиентите, кои користат возила на долги растојанија и клиентите со долго време на мирување, тоа значи дека загубите на енергија може дополнително да се намалат. Новата пумпа за серво волан е вклучена во новите пакети за штедење гориво за дизел моторите D11 и D13.

Но, листата на иновации не завршува тука, бидејќи Volvo воведува и нова генерација на воздушни компресори. Тие помагаат да се заштеди гориво со поефикасно зголемување на воздушниот притисок и се новиот стандард за сите дизел мотори D11 и D13 Euro 6. Достапна е и претходната верзија, а двата компресори може да се нарачаат заедно со квачило за дополнителна заштеда на гориво. А, за да се овозможи моторот да функционира оптимално, воведени се нови патентирани филтри: за гориво за моторите D11 и D13, за масло за моторите D13 и за воздух за Volvo FH. Тие се дизајнирани така што може да се инсталира само правилниот филтер, што ќе обезбеди оптимални перформанси на моторот и ќе го максимизира животниот век на моторот. Филтрите на Volvo се направени од специјално подготвена плисирана филтер-хартија и имаат голема површина за да обезбедат одличен капацитет за филтрирање и долг работен век.

За да им се олесни на возачите да полнат гориво и течност AdBlue на иста бензинска пумпа, големината на резервоарот AdBlue е зголемена за да одговара на подобрената ефикасност на моторот на Volvo. Новите резервоари се применуваат на моторите FM/FMX 11 и 13 (eSCR), како и на возилата FH13 со eSCR и TC мотори. Кај моторите D11 и D13, односот на AdBlue кон потрошувачката на дизел сега е 10% (претходно 8,5%), кај моторот D13TC односот сега е 6% (претходно 5%).

Бидејќи возачите на долги релации поминуваат многу време во своите кабини, воведена е и нова генерација на алтернатори од 150 А со 50% подолг работен век за да им го направи животот на патот поудобен за возачите. Исто така, Volvo ја претстави функционалноста LIN, нов начин на управување со алтернаторот. Ова ќе овозможи побрза и полесна дијагностика на алтернаторот, но и сопственикот/возачот да добие навремено предупредување кога треба да се замени. Новите алтернатори од 150 А се стандардни кај моделите со дизел Euro 6 FH и FH16. За дополнителна удобност, понудата за овие модели вклучува нов алтернатор од 180 А - најголемиот досега.