„Од возилото од новата генерација очекувам во секој поглед да биде подобро од претходниците, а за транспортна компанија, како што е мојата, најважно е да биде поекономично од генерациите што ги заменува. Досегашното искуство говори дека Volvo секогаш ги исполнува своите ветувања, па убеден сум дека така ќе биде и со камионите од новата генерација, за кои производителот тврди дека во експлоатацијата ќе бидат уште посигурни и уште поштедливи“, вели господин Најдан Милиќ, основач и сопственик на компанијата со 35 вработени и со возен парк од 29 влекачи, 35 полуприколки и пет лесни, дистрибутивни возила.
Новиот влекач, како и останатите возила во флотата на „Нале Транс“, ќе биде ангажиран за меѓународен транспорт, на тури низ целиот Стар континент, кои најчесто се до Шпанија, Холандија, Финска, Шведска и до другите земји од западна и северна Европа. Влекачи од новата FH генерација се оптимизирани токму за такви превози на долги растојанија при кои модернизираните кабини нудат поголем комфор, а управувањето го прават уште побезбедно.
Имено, во возилото од новата генерација што го презеде компанијата „Нале Транс“ таблата со инструменти има целосно нов изглед и опрема за информирање и комуникација, со подобрен преглед на виталните функции на возилото и надзор над моменталната ситуација при возењето. Управувањето со различните функции е поедноставено, што значи помалку стрес и помалку одвлекување на вниманието на возачот. Новите, целосно дигитални инструменти на екранот од 12 инчи му олеснуваат на возачот да ги избере потребните информации во секој момент.
На дофат на десната рака има уште една новина – дополнителен страничен екран од девет инчи, кој служи за навигација, информации за актуелниот превоз, следење на камерите и за забава. Функциите можат да се контролираат со помош на тастерот на колото на управувачот, гласовно или со лесен допир. Првиот влекач од новата генерација во флотата на „Нале транс“ има и уште една новина во опремата на најновите камиони Volvo – камерата вградена во десниот ретровизор, која ја „надгледува“ долната десна страна и исклучително го подигнува нивото на безбедност, особено при свртување на десно. Во спецификацијата на првиот камион Volvo од новата генерација испорачан во Северна Македонија има уште неколку компоненти кои се појавуваат за првпат, како на пример, креветот од мемори-пена.
Купувачот се одлучи аеродинамички унапредената кабина Globetrotter да биде опремена со сите расположливи насочувачи на воздух („спојлери“), со сет на AGM акумулатори (2 х 210 Ah), со резервоари за гориво со вкупен волумен од 1.480 литри, со оптимизиран темпомат (со ограничено влијание на возачот) и I-Roll функција, со систем за автоматско исклучување на моторот по мирување од две и пол минути, со телематски систем Dynafleet со функции за следење на начинот на возење и позициите на камионот, додека избраниот преносен однос во погонската осовина 1:2.17 е идеален за превози на долги растојанија.
Компанијата „Нале Транс“ е верна на брендот Volvo од основањето, а тоа се цели 27 години. „Првото возило на почетокот на работењето, во 1994 година, беше половен влекач Volvo F12. Купен е затоа што беше љубов на прв поглед“, вели господинот Најдан Милиќ. Превозната флота на „Нале Транс“ континуирано се ширела и се подмладувала, па во моментов најстарото возило е од 2014 година, а најмладото, ако не се земе предвид FH од најновата генерација, е од 2019 година.
„Досегашните искуства со камионите Volvo се одлични. Возачите се презадоволни со комфорот во кабината, а мене како сопственик ми е многу важно тоа што камионите Volvo ретко се расипуваат и што се поекономични од споредливите возила од другите брендови“, нагласува господинот Најдан Милиќ.