Камиони

Лесен премин на електрика

Кај електричните камиони, не се работи само за акумулатори и станици за полнење – тие можат да ги подобрат работните услови на возачите и да го зголемат профитот на транспортните компании. Тројца експерти во Volvo Trucks помагаат во навигацијата кон електрична иднина.
Volvo FE Electric.
Volvo FL и FE Electric се првите електрични возила од Volvo Trucks и ќе го покриваат најголемиот дел од урбаните транспортни потреби.

Откако Volvo Trucks објави дека неговите први електрични камиони Volvo FL и FE се подготвени да излезат на пат, одговорот од пазарот беше многу брз.

„Клиентите се јавуваа и велеа: „Конечно! Го чекавме ова!“ рече Ана Торден, менаџер за производи, електромобилност во Volvo Trucks. „Многумина од клиентите кои ни се јавуваат забележуваат построги прописи таму каде што работат. Други веќе купиле електрични возила од скорешни компании на пазарот и откриле дека не нудат доволна поддршка. Па така, доколку нешто му се случи на камионот, тие се оставени сами на себе“, рече таа.

Многумина од клиентите кои ни се јавуваат забележуваат построги прописи таму каде што работат.

Спротивно на тоа, Volvo Trucks се залага за целосни решенија за електричните возила, за да се осигури дека на клиентите им е овозможена постојана грижа.

Досега, Volvo Trucks нуди електрични опции само за ограничен број на референтни клиенти на пробна основа, но планот е да го зголеми производството во следните неколку години. Според Сантош Харакамани, менаџерот за стратешко планирање во Volvo Trucks, најголемите фактори кои ќе им помогнат на електричните возила да влезат во главниот тренд веќе доаѓаат на свое место, а преминот на електрични возила е побрз од она што повеќето аналитичари го предвидоа.

„Три фактори вообичаено одредуваат дали се случува поместување во техниката: технологијата мора да биде издржана од перспектива на бизнис, мора да биде прифатена од клиентите и треба да биде технички созреана.“ 

Веќе се случи една голема пресвртница. Порамнетите трошоци за обновлива енергија се изедначија со трошоците за јаглен во многу делови од светот, фактор со кој ќе се зголемат инвестициите во обновлива енергија. До 2040 година, се предвидува дека повеќе од 70 проценти од глобалната инвестиција во енергија ќе биде насочена кон обновливи извори на енергија. Во меѓувреме, брзиот пад на цените на акумулатори ги надмина очекувањата на аналитичарите.


Уште еден клучен развоен момент е тоа што истражувачката организација Bloomberg New Energy Finance значително ја промени нејзината прогноза за цените на акумулаторите кога електричен автомобил ќе достигне паритет на цената со автомобил кој работи на фосилно гориво. За сопствениците на камиони, овој брз развој во цените на акумулаторите осигурува дека точката на поврат за вкупните трошоци за поседување електричен автомобил ќе се достигне побрзо од очекуваното. Во меѓувреме, се предвидува дека специфичната енергија на акумулаторите значително ќе се зголеми, а со тоа ќе се зголеми и опсегот на возила.

Дополнително, многу земји веќе усвоија прописи со кои ќе се забрза преминот кон електрични возила, вклучително и мандати од повеќе од дванаесет земји за забрана на фосилните горива до 2030. „Построгите прописи за емисиите и ефикасното искористување на горивото веќе вршат голем притисок врз индустријата да се оттргне од дизел-моторите. Последните изјави од најголемите производители на возила во врска со инвестициите и лансирањето производи на електрични возила се јасен показател дека поместувањето веќе се случува“, рече Сантош Харакамани.

Технологијата мора да биде издржана од перспектива на бизнис, мора да биде прифатена од клиентите и треба да биде технички созреана.

Кога ќе се земат предвид овие фактори, повеќе од 30 проценти од сите возила ќе бидат електрични, а повеќе од 50 проценти од сите нови возила на продажба може да бидат електрични до 2030 година. Иако електрификацијата на комерцијалните камиони сè уште е во рана фаза во споредба со сегментот автомобили, Сантош Харакамани очекува дека електрификацијата на секторот за транспорт брзо ќе добие залет.

А електификацијата може значително да помогне во намалување на јаглеродната трага што ја остава транспортот. Денес, ветерна електрана од четири мегавати произведува доволно енергија за напојување 200 електрични камиони Volvo FE, што може да ги намали емисиите на стакленички гасови за 10.000 тони CO2 годишно.

Со толку многу фактори кои упатуваат кон електрична иднина, Volvo Trucks е решен да развие електрични решенија кои ќе се претставуваат сегмент по сегмент, пазар по пазар, како додаток на дизел-опсегот. За да ги развие електричните камиони, Volvo Trucks се потпира на искуствата на сестринската компанија Volvo Buses, која работи со високонапонски хибриди уште од 2010 година и со целосно електрични автобуси со брзо полнење од 2015 година. Со користење компоненти кои со години биле испробувани и тестирани во нормален сообраќај, клиентите на Volvo Trucks можат да бидат убедени дека понудените решенија се оптимални и безбедни. 

За сопствениците на камиони, преминувањето на електрични камиони не опфаќа само купување најдобри технички решенија и услуги. Ова исто така значи добивање сознанија како електричните камиони ќе го променат нивниот бизнис, како и дека разговорите кои ќе ги водат со дилерите на камиони ќе бидат различни.

„Со електричните камиони, познатите потреби на клиентите, како коњски сили или големина на моторот веќе не можат да се применат. Наместо тоа, за да може на клиентите да им се понудат најдобрите решенија, важно е да се разбере возната рута на клиентот, примената, носивоста и временските услови во кои ќе работи камионот, како и достапните алтернативи на полнење. Тогаш можеме да им дадеме совет во врска со точно специфицирано возило, со оптимален опсег и опременост со акумулатори“, рече Ана Торден. 

Таа забележа дека најголемите грижи кои ги имаат клиентите кога се работи за електричните камиони е опсегот на возење и достапноста на станици за полнење, иако овие фактори се земаат предвид кога се специфицира камионот. За опсегот на возење да биде посигурен, Volvo Trucks развива софистицирани системи за предвидување кои ги земаат предвид сите клучни фактори, овозможувајќи му на возачот информации во реалното време за растојанието на возење до следното полнење. 

Тешко е да се пренагласи влијанието за возачите. Луѓето кои возеле еден од нашите електрични камиони излегуваат од нив со насмевка.

Ана Торден потенцира дека електричните камиони им даваат многу придобивки на сопствениците на камиони, вклучително и намалени трошоци за гориво и подобрена слика за брендот. Ова е исто така начин за почитување на построгите прописи. Доколку повеќе превоз може да се врши навечер, со потивки возила, тоа може да доведе и до значително зголемување на ефикасноста. 

Во одделот за постпродажба во Volvo Trucks, Каролина Гронстед, менаџер за развој на дејноста за оригинални делови, очекува дека електричните возила ќе ги засилат наоѓањето и задржувањето возачи. Нешто што би било многу пригодно за индустрија која пати од широко распространет недостиг на возачи.

„На пример, нашите тестови покажуваат дека камионот Volvo FL Electric произведува бучава за 10 dB пониска од онаа на дизел-возило. Ова значи дека применото ниво на звук е намалено за околу половина“, рече таа. „Исто така, електричните камиони произведуваат помалку вибрации, а возачите не мора да се справуваат со издувни гасови кога работат надвор од возилото.“ 

Предизвик за возачите е приспособување на работата со камион погонуван со акумулатор, што може да предизвика загриженост за проблеми со опсегот и полнењето. И покрај оваа промена, реакцијата на тест-возачите беше неверојатно позитивна.

„Тешко е да се пренагласи влијанието за возачите. Луѓето кои возеле еден од нашите електрични камиони излегуваат од нив со насмевка. За многумина е откровение, а за некои речиси религиозно искуство“, рече Каролина Гронстед, насмевнувајќи се.



Некои клучни податоци за електричните камиони на Volvo

  • Опсег: Volvo FL Electric – до 300 km; Volvo FE Electric – до 200 km.
  • Ветерна електрана од 4MW произведува доволно енергија за напојување 200 електрични камиони FE.
  • Или, едно вртење на роторот на ветерницата го движи камионот 1,5 километри.
  • Заштедувајќи по 2.500 кубни метри гориво годишно.
  • Намалување на емисиите на стакленички гасови за 10.000 тони CO2 годишно (доколку акумулаторите се полнат со електрична енергија од ветар).
  • (Забелешка: Електричните камиони се 3-5 пати енергетски поефикасни од нивниот еквивалент дизел-камиони.