Камиони

Гетеборг станува зелен

Во 2019 година, Volvo Trucks ќе започне со продажба на електрични камиони во Европа. Но, веќе оваа година, неколку камиони Volvo FL Electric ќе возат низ улиците на шведскиот роден град на Volvo Trucks, Гетеборг – град со амбиција да стане зелен. Тие се дел од план за креирање нови видови соседства и да се направи градот попривлечен.
Volvo FL Electric во централен Гетеборг
Volvo Trucks пушти во работа електричен камион за испорака на храна во Гетеборг, заедно со транспортните фирми TGM и Schenker.

Градежните дигалки го обележуваат хоризонтот на родниот град на Volvo Trucks, Гетеборг во Шведска. Градот се стреми да порасне за една третина до 2035 година и големи делови од центарот на градот се преуредуваат за да можат да сместат повеќе луѓе и патишта.

Тоа е предизвик кој во ниеден случај не е уникатен за Гетеборг. Околу милијарда луѓе треба да се преселат во градовите во светот до 2030 година.  

За да се направи простор за нови жители, Гетеборг планира многу нови, густо градени соседства за комбинирано користење за живеалишта, канцеларии и продавници. 

Градскиот директор за планирање на Гетеборг, Хенрик Кант, се надева дека електричните камиони ќе имаат голема улога во успешната и одржлива реализација на ваков тип градски пејзаж. 

„Бидејќи електричните возила се потивки и не испуштаат емисии, тие ни овозможуваат поинаку да ги планираме градовите. Технологијата овозможува нови решенија: на пример, помалку ограничувања на времето на испорака или автобуски линии кои возат поблиску до куќите за живеење. Тоа ни помага да планираме поврзани соседства за мешано користење.“

За време на неговата претходна улога како раководител на одделот за вода и хигиена на Гетеборг, Хенрик Кант направи напори за да се осигури дека електричните камиони ќе бидат дел од стратегијата за хигиена во градот. 

„Во Гетеборг веќе имаме политика за користење камиони за собирање смет што не користат фосилни горива и имаат ниско ниво на загадување. Камионите во градот користат био-гас или HVO, гориво направено од нуспроизводите при обработка на месо“, рече тој. 

Електричните камиони сега му овозможуваат на градот да преземе уште еден голем чекор во вистинската насока. 

„Визијата на Гетеборг е изградба на густ, зелен град. Треба напорно да работиме за да постигнеме што е можно помалку емисии, особено во центарот на градот. Во исто време, можеме да ја намалиме бучавата на минимум.”

Визијата на Гетеборг е изградба на густ, зелен град. Треба напорно да работиме за да постигнеме што е можно помалку емисии, особено во центарот на градот.

Пред неколку години, Гетеборг се обрати до Volvo Trucks да развие електричен камион за смет според строги спецификации, кој ќе може да ги исполни барањата на рутата, топографијата, брзината и капацитетот на товарење. Меѓу другите спецификации, камионите требаше да можат да носат пет тона и секое полнење на акумулаторите требаше да издржи цел ден возење. Сега е претставен електричниот камион за смет. Доколку е успешен, градот Гетеборг се надева дека ќе ја прошири шемата.

Меѓу другите придобивки, Хенрик Кант се надева дека електричните камиони ќе резултираат со подобри услови за работа за возачите. 

„Од сите работници во земјата, највисоки стапки на повреди на работно место има кај санитарните работници. Нормално, сакаме да ги истражиме решенијата што ќе можат да ја подобрат нивната работна средина“, рече тој.

Истовремено, оваа година уште еден електричен камион Volvo ќе излезе на улиците. Volvo Trucks пушти во работа електричен камион за испорака на храна, заедно со транспортните фирми TGM и Schenker. 

„Електричните возила имаат многу предности“, рече Јонас Одермалм, раководител за стратегијата за производите Volvo FL и Volvo FE во Volvo Trucks. „Не само што овозможуваат помалку загадување и бучава, електричните возила можат да ја зголемат продуктивноста и точноста на испораките со кратење на времето што возачите ќе го поминат во сообраќајот, бидејќи потенцијално можат да се прават повеќе испораки вон времето на врвен сообраќаен метеж.” 

Електричните возила можат да ја зголемат продуктивноста и точноста на испораките.

Но, за да се добие и води возен парк електрични камиони, не се потребни само камиони. 

„Возилата се само еден дел од она што е потребно за обемна електрификација и одржлив транспорт. Тоа е и прашање за обезбедување сигурни и вистински правила, станици за полнење и инфраструктура за да биде од корист за компаниите да користат електрични возила. Клиентите и градовите кои инвестираат во оваа технологија, исто така, треба холистички да гледаат на системот за транспорт и да ја видат вредноста за нивните брендови, за квалитетот на живот и за животната средина.”

Градот Гетеборг се надева дека ќе стане центарот на логистиката за скандинавскиот регион и брзо станува место за тестирање нови транспортни решенија.

Веќе има две линии целосно со електрични автобуси, покрај мноштвото хибридни возила. Локалните производители на автомобили тестираат автоматизирани возила на одредени рути, а Гетеборг се најде во насловите на меѓународните вести со изградбата на жичара за превоз 4.000 до 6.000 луѓе на час низ центарот на градот како дел од градскиот систем за јавен превоз. 

Па, што очекува тој за идните жители на градот?

„Се надевам дека, до 2035 година, нема да мора да се фокусираме на бучавата или квалитетот на воздухот, бидејќи овие проблеми ќе бидат главно решени“, рече Хенрик Кант. 

Директорот за животна средина и иновации на Volvo Trucks, Ларс Мартенсон, мисли дека решенијата кои се испробуваат во Гетеборг ќе се прошират и во други места.

Сакаме да го прошириме ова и веќе почнуваме со проби во други градови.

„Сакаме да го прошириме ова и веќе почнуваме со проби во други градови, вклучувајќи го и Хамбург. Тоа е дел од изградбата на привлечен град пригоден за живеење. Камионите не беа приоритетна област во транзицијата кон електрификацијата, но сега го менуваме тоа – заедно со градовите кои ни се партнери.

Камионите кои се тестираат во Гетеборг

  • Првите два камиони Volvo FL Electric ќе ги користи компанијата за собирање смет и рециклирање Renova и превозната фирма TGM.
  • Целосно електрично погонуван камион за дистрибуција, собирање смет и други примени во урбани услови, со БМВ од 16 тони.
  • Погонска група: Електричен мотор од 185 kW, максимална моќност/континуирана излезна моќност од 130 kW, трансмисија со два степени на пренос, погонско вратило, задна оска. Максимален вртежен момент на електричниот мотор од 425 Nm. Максимален вртежен момент на задната оска од 16 kNm.
  • Склад на електрична енергија: Две до шест литиум-јонски акумулатори, вкупно 100 – 300 kWh. 
  • Опсег: До 300 km.
  • Полнење: Полнење со наизменична струја од електрична мрежа (22 kW) или брзо полнење со истонасочна струја преку CCS/Combo2 до 150 kW. 
  • Време на повторно полнење: Од празни до целосно наполнети акумулатори: брзо полнење еден до два часа (DC полнење), ноќно полнење до 10 часа (AC полнење) со максимален капацитет на акумулаторот од 300 kWh.

Факти за Гетеборг

570.000 – Населението во Гетеборг, вториот најголем град во Шведска. Тој е роден град на Volvo уште од основањето на компанијата во 1926 година.

140.000 – Очекуван пораст на жителите во градот Гетеборг до 2035 година
– пораст од една третина.

12 – Број на цели за животната средина на градот кои се стремат кон креирање добра средина за живеење и одржлив развој. Три од целите се директно поврзани со транспортот:

  • Ограничено влијание врз климата.
  • Чист воздух.
  • Добро изградена инфраструктура.