Камиони

Големата испорака

Во моментов, во Шведска се гради една од најголемите машини за хартија за пакување во светот. Австрискиот возач на камиони Роланд Лебрунер отиде на долго патување за да испорача два силоса долги 22 метри до градилиштето во Грумс.
Транспортирање на силосите преку мостот
Два од камионите Volvo FH16 на Прангл бавно ги транспортираат двата силоса долги 22 метри низ рурална Шведска.

Рано е напладне во пристаништето на Киел. На паркиралиштето за камиони, Ролан Лебрунер тукушто се разбуди. Изминатите неколку ноќи, тој и неговиот совозач, Јанос Зилаги, возеа два силоса долги 22 метри од Сигартинг на Австриската граница, преку Германија. Сега, тие нестрпливо чекаат да се качат на траектот што ќе ги однесе до Гетеборг и до следната етапа од нивното патување долго единаесет дена. 

„Ова ми е прв пат да качам камион на траект. Тоа е нешто ново, нешто што навистина го сакам кај возењето камиони“, рече Роланд Лебрунен. „Повеќето работни места вклучуваат рутина, но за мене, тоа е сосема поинаку. Можеби ќе превезувам материјали за градежништво долу до Салзбург или огромни делови за машини горе до северна Германија. Различни патишта, различни товари.“

Ова ми е прв пат да качам камион на траект. Тоа е нешто ново, нешто што навистина го сакам кај превозот со камиони.

Менливата и предизвикувачка природа на возењето на специјални транспорти го предизвикало да започне со возење камиони пред речиси една деценија. До тогаш, тој работеше полно работно време како столар за австриска компанија која, исто така, ги превезуваше своите производи со камион низ земјата. Еден ден, имаше голема, многу важна нарачка која требаше да се испорача, но никој не беше во можност да го преземе товарот. „Зошто да не, јас ќе одам“, си помисли Роланд пред да ја преземе неговата прва превозна задача. Денес, тој работи како професионален возач за австриската компанија Prangl веќе седум години. За тоа време, имаше неколку навистина екстремни задачи, како превозот на машина за обработка на хартија тешка 160 тони од Австрија до Будимпешта, Унгарија и испораката на делови за брод широки шест метри преку тесен планински терен, што навистина ги стави на испит неговите трпение и концентрација.

Иако и Роланд и неговиот работодавец се специјалисти за товар од големи димензии, тековната задача е уникатна за нив, поради големото растојание меѓу Австрија и централна Шведска, како и поради димензиите на товарот. Роланд објасни дека секогаш е подготвен за невообичаеното, но исто така и дека секоја задача која ја има е различна. 

“Може да биде различно во поглед на товарот големината, тежината, должината, далечината, временските услови или она со кое може да се соочите кога сте на отворен пат. Дури и ако мислите дека сте испланирале сè, сигурно ќе се случи нешто неочекувано. Само треба да бидете спокојни и со „ладна глава“, рече тој.

Откако се соочија со поројни врнежи за време на првата ноќна смена помеѓу Сигартинг во Австрија и германскиот град Магдебург, Роланд и Јанос беа задржани поради блокирани патишта во Германија. По дводневен застој на паркинг, конечно им беше дозволено да возат и сега, на двајцата им олесни што стасаа до Киел и што ќе продолжат кон Шведска.

Додека двата камиони влегуваат на траектот, персоналот полека ги воведува за да можат да се паркираат без да се изгребат од ѕидовите или другите возила. Поради големината на товарот, на секој од камионите му е потребен четири пати поголем простор од стандардниот простор за камиони и Роланд е благодарен за помошта што ја добиваат. По раната вечера, тој решава да отспие, за да биде свеж и подготвен за идниот ден, кога заедно со неговиот Volvo FH16 ќе ги возат 220-те километри помеѓу Гетеборг и последната дестинација Грумс.

„Ги претпочитам дневните возења, бидејќи ми даваат можност да се восхитувам на пејзажот низ кој возам, особено кога има прекрасни ридови и планини. Никогаш не сум бил во Шведска и многу сум возбуден што ќе ја видам“, рече Роланд додека го извозува камионот од траектот во Гетеборг. На паркинг сличен на оној во Киел, тој го проверува камионот, проверувајќи ја хидрауликата, електрониката, товарот и врзувањето пред да тргне.

„Кога се работи за нешта што всушност можете да ги контролирате, многу е важно навистина да го проверите камионот. Во спротивно, не треба да го возите возилото“, рече тој. 

На нивната рута кон Грумс, Роланд и Јанос се придружувани од тим водачи на шведскиот транспорт. Целиот конвој тргнува околу 9 наутро на пороен дожд и многу ветер. Ветрот е малку вознемирувачки, особено бидејќи Роланд треба да премине неколку високи мостови. Сето заедно, ветрот, дождот, тешкиот товар и ридестиот пејзаж, го принудува конвојот да вози многу бавно.

„Во вакви околности, одлично е што можам да се потпрам на системот за управување на камионот и автоматскиот систем за менување на степените на пренос. Ова многу ве успокојува, па така можете да се фокусирате на патувањето без да се грижите“, рече Роланд.

Иако временските услови се тешки, тој е многу задоволен од шведските патишта, за кои смета дека се едни од најдобрите по кои некогаш возел. Конвојот патува без пречки и во три часот попладне конечно ја можат да ја видат нивната крајна дестинација, големата фабрика на шведската компанија BillerudKorsnäs’ во Грувон, како се појавува на хоризонтот. 

Влегов во бизнисот со превоз со камиони бидејќи сакав нов предизвик и сега уживам во нов предизвик секој ден.

Во 2019 година, ова ќе биде дом на најголемата одржлива машина за хартија за пакување, но, во моментов, фабриката која ќе биде дом на оваа машина сè уште се гради. Големиот товар на Роланд треба да се испорача до овој дел од градилиштето и да се подигне во фабриката со помош на подвижен кран.

„Кога ги товаравме камионите во Сигартинг, ни беа потребни шест часа да ги ставиме силосите на приколките, а за тоа ни требаа и виљушкар и подвижен кран. Се надевам дека ова ќе биде побрзо, бидејќи сега навистина сакам да одам дома кај жена ми и децата“, рече Роланд.

Сè на сè, тој е задоволен од задачата и верува дека најмногу ќе му остане во сеќавање должината на патувањето. Во моментов, тој е 2.200 километри далеку од домот на неговото семејство во малиот град Хаг во Австрија и, додека се врати, ќе патува единаесет дена. Делови од рутата беа тест, но Роланд вели дека не би сакал да биде поинаку.

„Влегов во бизнисот на возење камиони бидејќи сакав нови предизвици и сега уживам во нив секој ден“, раче тој, насмевнувајќи се.

Факти за Billerudkorsnäs

BillerudKorsnäs е водечкиот снабдувач на обновливи материјали и решенија за пакување со повеќе од 150 години стручност во индустријата.

Нивната нова машина за картони е опишана како најголемата инвестиција во историјата на компанијата и една од најголемите машини од тој вид во целиот свет. Машината долга 350 метри ќе биде сместена во фабрика долга 400 метри и широка 60 метри која се гради во моментов.

Задачата

Двата камиони од Прангл: 1 Volvo FH16, 6 x 4, произведен 2017 година, со мотор Volvo D16 со 550 КС, Volvo I-Shift со степени на пренос за бавно движење и Volvo-динамичко управување.
1 Volvo FH16, 6 x 4, произведен 2013 година, со мотор Volvo D16 со 750 КС и Volvo I-Shift.
Приколки: Приколки Faymonville што можат да се продолжуваат, со три оски и ниска платформа, со хидраулични оски и посебно рачно управување. Должина на ниската платформа користена на оваа мисија: 22,9 метри.
Товарот: Димензии на големите силоси: должина 22 метри х ширина 3,8 метри х висина 3,8 метри, тежина: ~5.000 kg секој.
Вкупни димензии на превозот: должина 35 метри х ширина 3,8 метри х висина 4,15 метри, тежина: 38.000 kg.

Prangl GmbH

Основана во: 1965 година.
Сопственик: М-р Кристиан Прангл.
Вкупно опрема: 3.400 (подвижни кранови, камион и приколки, работни платформи, телескопски натоварувачи, итн.).
Број камиони и приколки: 330, од кои камиони Volvo: 90.
Број на вработени: 650.
Главни товари: Карго со големи димензии и тешко карго, карго за електрани и за ветерна енергија, делови за машини, бетонски и челични делови за градежништво со големи димензии, карго на машини, железници, дрвени столбови, индустриско карго.