Камиони

Разликата помеѓу возењето со систем за надгледување со камери и со ретровизори

Gabor Szalo Hanna Degerman
2024-01-18
Технологија и иновации Ефикасно искористување на горивото
Authors
Gabor Szalo
Senior Engineering Specialist
Hanna Degerman
User Experience Product Planner

Возењето камиони со странични ретровизори отсекогаш било нешто што возачите го земаат здраво за готово. Сепак, во последниве години, неколку производители почнаа да нудат системи за надгледување со камери наместо тоа. Но, кога и каде тоа може да биде корисно и кои се добрите и лошите страни на камерата во споредба со ретровизор?

Во 2016 година, Обединетите нации се отворија за регулатива што им дозволуваше системите за надгледување со камери да ги заменат ретровизорите. Една од придобивките беше што се подобри таканаречената директна прегледност, што значи прегледност од гледната точка на возачот: имено, тоа што може да се види без помош на ретровизори или камери.

Европската комисија проценува дека претстојната Општа регулатива за безбедност ќе го намали бројот на несреќи и се надеваме дека ќе спаси над 25.000 животи и ќе избегне најмалку 140.000 сериозни повреди до 2038 година. Системите за надгледување со камери може да придонесат кон овие бројки бидејќи ја подобруваат директната прегледност. Но, главната причина за развојот на системите за надгледување со камери е подобрата аеродинамичност и можноста за заштеда на гориво и емисии на CO2.


„Сите сакаат да ја подобрат потрошувачката на гориво или енергија, а со намален отпор на воздухот од ретровизорите, потенките камери можат да ја подобрат енергетската ефикасност до 1,5 %*. Но, исто така е важно да се види кое решение одговара на клиентот и го подобрува неговото искуство при возењето“, рече Габор Зало, виш специјалист за инженерство за прегледноста во Volvo Trucks.

Првиот камион со камери наместо странични ретровизори дојде во 2019 година и оттогаш техничките можности забрзано се развиваат. Неколку производители во продажба пуштаат камиони со системи за надгледување со камери и поттикот од идните легислативи го забрзува процесот. До 2029 година, европската општа регулатива за безбедност  (GSR), ќе ги спроведе барањата за директна прегледност за сите новорегистрирани камиони за да се сведат на минимум мртвите точки и да се подобри тоа што возачите можат да го видат директно од нивните возила.

Ако ги оставиме настрана техничките случувања и претстојната легислатива, постојат можности и придобивки, како и предизвици и ограничувања, во возењето со камери наместо ретровизори. Еве дел од аспектите што може да се земат предвид:

 

Придобивките од возењето со систем за надгледување со камери во споредба со ретровизори

 

Аеродинамичност:

  • Аеродинамичноста на камионот е една од работите што најмногу влијае врз потрошувачката на гориво, а соодветно на тоа, и врз животната средина. Со оглед на тоа што системи за надгледување со камери го намалуваат влијанието на воздушниот отпор во споредба со традиционалните странични ретровизори, тие ќе ги намалат и потрошувачката на гориво, и потрошувачката на енергија.

Прегледност и безбедност:

  • Со камера, нема физички ретровизори што ја блокираат вашата прегледност како возач. Затоа, тој е погоден за сложени сообраќајни ситуации: на пример, кога ранливите учесници во сообраќајот се блиску до камионот или во кружни текови каде што ретровизорите може да ја попречат прегледноста на возачот.
  • Исто така, може да има и автоматско или рачно следење на приколката на камерите за да можете да ги следи движењата на приколката или за употреба при возење во рикверц. Ова се дигиталните придобивки што не се можни со страничен ретровизор.
  • Вградените референтни линии (при менување ленти) може да бидат уште една форма на дигитална поддршка со систем за надгледување со камери.
  • Кај обичните конвексни ретровизори има определено изобличување на сликата поради радиусот на ретровизорот. За систем за надгледување со камери постојат можности за исправање на изобличувањето на сликата, така што возачите можат да добијат слика што е поблиска до реалноста.
  • Кога возачот спие, може да постојат функции за надзор со систем за надгледување со камери. Тој исто така може да се активира од внатрешниот дел на кабината без да мора да се отвораат завесите.
     

Временски услови и темница:

  • Камерата општо земено нуди подобра прегледност за време на дожд затоа што објективот може подобро да биде заштитен во дршката на камерата. Но, можеби уште поважно е што екранот што се наоѓа во кабината ја подобрува прегледноста во споредба со ситуацијата кога има дожд како на прозорецот, така и на самиот ретровизор.
  • Полесно е да се чува објективот на камерата чист отколку традиционалниот ретровизор со поголема стаклена површина. Исто така, камерата општо земено е поставена на повисоко место на надворешноста на камионот, поради што е помалку подложна на валкање.
  • Во темница, камерите можат да ги понудат придобивките од подобра прегледност во споредба со ретровизорите, како и подобрена прегледност навечер поради можноста камерата да работи во услови со намалена видливост.
     

Законска усогласеност:

  • Како што беше споменато претходно, со оглед на тоа што постојат законски барања за директна прегледност во општата регулатива за безбедност (GSR) 2029, систем за надгледување со камери може да понуди претпочитана опција.
  • Возилата од над 12 метрички тони кои минуваат низ Лондон од 2024 година мора да имаат оцена со три ѕвездички (врз основа на она што возачите можат да го видат директно од прозорците на кабината) или да ги опремат своите камиони со низа безбедносни системи. Ова ги прави камионите со камери, што ги заменуваат ретровизорите, претпочитан избор.

Предизвиците од возењето со систем за надгледување со камери во споредба со странични ретровизори

Прегледност и безбедност:

  • Ретровизорите обезбедуваат тродимензионална слика додека системите со камери се дводимензионални. Навикнувањето на длабочината на прегледноста, процената на растојанието и брзината на возилата одзади може да бара малку време.
  • Резолуцијата на камерата може да претставува мана во споредба со ретровизорот. Ретровизорите го нудат истиот степен на острина како вашите очи. Камерите имаат широкоаголен објектив и екран со ограничена резолуција. Тоа може да го отежне проценувањето на растојанието од страна на возачите. Затоа, изборот на резолуцијата на сликата и големината на екранот се важни фактори.
  • Поставувањето на екраните мора да биде приспособено за да одговара на внатрешноста на кабината за да се избегне создавање на друга слепа точка. Тоа може да доведе до помала големина на екранот во споредба со обичните ретровизори, што последователно влијае врз големините на предметите на екранот.
     

Поправки:

  • На систем за надгледување со камери има и сензори и екрани, врз основа на компјутер што управува со сликата. Секое потенцијално оштетување може да биде поскапо за поправање. Но, зависи од тоа кој дел треба да се замени или дали е покриен со договор за сервисирање.
     

Искуство при возењето:

  • Гледањето на дводимензионална слика на екранот на камера е различно од гледањето во вашите обични ретровизори. Во моментов повеќето возачи се навикнати да возач со класични странични ретровизори, што го прави ова ново искуство при возењето и нешто на што ќе треба возачите да се навикнат.
  • Друга работа на којашто ќе треба да се навикнат, но уште поважно, што ќе треба да ја научат, се техничките поставувања и новите функции. Тие треба да се вклучат во секојдневната рутина на возачот, кога учи како да маневрира, како и правилно да ги проценува брзината, растојанијата и околната средина.

Како да изберете – Иднината на страничните ретровизори и системите за надгледување со камери

И системите за надгледување со камери, и традиционалните ретровизори имаат свои предности и негативни страни. Искуството при возењето со странични ретровизори во однос на системот за надгледување со камера е различно, па е веројатно дека ќе има и различни преференции кај возачите.

На некои сегменти можеби ќе им биде полесно да се приспособат: На пример, на долги растојанија, постои потенцијал некој да се навикне побрзо на тоа во споредба со оние што возат многу во градски средини каде што е клучно постојаното проценување на растојанијата и оценување на длабочината на прегледноста и каде што може да биде неопходно повеќе возење во рикверц.

„Преференциите може да се разликуваат, а целта со камерите е да се приближи екранот колку е можно поблиску до реалноста, да се понуди најдоброто можно искуство при возењето. За новите возачи, камерите може да претставуваат стандард и вашиот избор исто така може да зависи и од тоа колку сте отворени за промени и нови дигитални решенија во средината каде што возите“, изјави Хана Дегерман, планирач на производи за корисничко искуство во Volvo Trucks.

Кјел Брунстром е виш научник во Истражувачките институти RISE во Шведска, специјализирани за визуелна перцепција. Тој верува дека камерите може да бидат повообичаени и претпочитани во блиска иднина, но исто така може да биде корисно да се додадат некои аспекти на системите за надгледување со камери за да може да се направат претпочитана опција за секого и за сите сегменти во транспортната индустрија.

„Како што стојат работите сега, системите за надгледување со камери обезбедуваат намалена длабочина на прегледноста во споредба со вообичаените странични ретровизори или ретровизорите за задна прегледност. Но, една студија спроведена во RISE и во Volvo Cars** покажа дека за да се ублажи намалената перцепција на длабочината, камерите треба по можност да прикажуваат дополнителна графика, да укажуваат на растојанието и на опасните објекти, што може да помогне возачот да ги донесе правилните одлуки.“

Технологијата брзо се развиваше во оваа област. Вашиот избор помеѓу класичен страничен ретровизор или систем за надгледување со камери може да зависи од преференцијата или сегментот. Постои потреба да се проценат вашите деловни потреби, како и можностите за правна усогласеност: а можеби и преференцијата на вашиот возач за нови искуства при возењето, како и отвореноста кон нив.


*Фактичната енергетска економија може да се разликува во зависност од многу фактори, т.е. од брзината на возење, употребата на темпомат, спецификациите за возилото, оптоварувањето на возилото, фактичката топографија, искуството при возењето на возачот, одржувањето на возилото и временските услови.

 

** Извор: Zhang, M. и G. Bin. The effect of CMS with AR on driving performance. (diva2:1717225), RISE Research Institutes of Sweden, Chalmers University of Technology, M.Sc. thesis. 2022, Достапно од: http://urn.kb.se/resolve?urn=urn:nbn:se:ri:diva-61469

Related Insights