Глобалниот недостиг на возачи се претвора во главен проблем што влијае врз целата транспортна индустрија. Но, постојат начини на кои работодавачите можат да ги привлечат возачите и исто така да ги мотивираат. Кои се главните приоритети на возачите и како знаењето за нив може да биде од корист за вашето секојдневно работење со возниот парк?
Според годишното истражување за возачите на IRU од 2022 година, над 2,6 милиони работни места за возачи на камиони останале непополнети во 2021 година и покрај општите зголемувања на платите и лесно достапната работна сила. Според извештајот, причината за ова е општ проблем во привлекувањето на младите луѓе во улогата на возач, во комбинација со висок процент на постари возачи кои се наближуваат до пензија. Ова не влијае само врз транспортните оператори и нивните услуги. Последиците може да се видат низ сите синџири на снабдување, што на крајот влијае врз бизнисот и потрошувачите ширум светот.
За возачот постојат различни причини да остане и да биде мотивиран во својата работа. Според интерното истражување на Volvo (2019) врз основа на 151 интервјуа претежно извршени со превозници на долги релации од 16 националности** посветени на меѓународниот транспорт, трите главни приоритети на возачите се удобноста, просторот во кабината и безбедноста. Студијата исто така укажува на зголемена свест за здравјето, претежно од помладите возачи, како и зголемен интерес за еколошки погонски групи.
„Удобноста, просторот и безбедноста се исти приоритети повеќе години, така што дефинитивно постои континуитет за овие основни барања. Исто така можеме да видиме и поврзаност помеѓу должината на патувањето и нивото на задоволство за определени брендови. Колку повеќе време поминувате во вашиот камион, толку се поважни просторот и безбедноста“, вели Делфин Мори, виш аналитичар за информации за производи во Volvo Group Truck Technology (GTT).
Приоритетите на возачот може да варираат во зависност од националноста и од тоа во кои земји и по кои рути возите. Немаат сите возачи можност да платат за безбедни застанувања на камионот, додаде Делфин.
.
УДОБНОСТ ЗА ВОЗАЧОТ: Според истражувањето, удобноста за возачот претежно се однесува на организирањето на спиењето и одморот, што се сметаат за многу важни, како и удобноста на возачкото седиште. На прашањето што претпочитаат, покрај основната удобност на возачкото седиште, над 58 % му дадоа приоритет на поголемиот простор за одмор и опуштање.
ПРОСТОР ВО КАБИНАТА: Пространоста на кабината е клучна. 72 % од сите прашани возачи му дадоа приоритет на ова како многу важно. Секој сантиметар може да додаде вредност, а чувството на пространост и широчина е уште поважно за возачите на долги релации.
.
БЕЗБЕДНОСТ: Безбедносниот аспект вклучува и безбедност на камионот, и безбедност на возачот. Во однос на безбедноста, првите 3 приоритети на функциите што се бараат се предупредување за крадење гориво, аларм за напади со гас и дополнителна безбедносна брава на вратата од кабината однатре. За безбедноста на возачот, 62 % од возачите во една неодамнешна интерна онлајн студија на Volvo (2022)** рекоа дека претпочитаат помош при возењето, како што е помошта за останување во лентата, помошта за менување лента, ненадејно сопирање итн. Вториот најценет приоритет за безбедност на возачот се однесува на различни видови аларми; како заштита од заспивање и спречување агресија и кражба (55 %)
.
Интерното истражување од 2021 година на англиски, германски, француски и шведски заклучува дека операторите треба да се фокусираат и на сегашните, и на новите возачи за да се справат со проблемот околу недостигот на возачи.
Новите возачи биле привлечени кон професијата поради ниските услови за влез, а за 36 % од нив платата е главен приоритет, а потоа следат обуката (16 %) и патувањето (11 %). Кај искусните возачи, 42 % ја навеле платата како клучна мотивација, по што следат автономијата, слободата да се биде на пат (19 %) и да се има ценет работодавач (16 %) како повредни работи.
Има и јасна индикација за тоа што ги демотивира возачите. За 49 % од новите возачи, неизвесноста околу наоѓање работа е голема причина за загриженост иако транспортните компании имаат голема побарувачка за нивните компетенции. Следствено на тоа, тука постои потенцијал операторите рано да започнат со позитивен процес на вклучување со цел да обезбедат долгорочна врска со нивните потенцијални возачи. Новите возачи биле загрижени околу наоѓањето работа, но и по вработувањето сметале дека не се добро опремени за да се справат со барањата на професијата во периодот кога излегле од обуката. Интензивниот притисок од работодавачот за брза испорака, во комбинација со несигурноста при маневрирањето со камион во густ сообраќај и стравот од сообраќајни несреќи ги натерале да размислуваат за рано откажување поради стрес.
За искусните возачи, работодавачите и работните услови имаат големо влијание врз нивната работа. Работодавачот кој лошо се однесувал кон возачите ги натерал на професијата да гледаат во понеповолно светло. Работните услови вклучувале голем притисок, стрес и ризик од несреќи, а сето тоа се гледа како причина за отказ или промена на работата.
Постојат неколку аспекти што влијаат врз задоволството на возачот: тие зависат од искуството, како и од тоа каде, како и колку време работат возачите. Според Делфин Мори, може да се формираат некои општи препораки.
1. Комуникација и проактивност. Дијалогот и интеракциите со вашите возачи се најважниот аспект. „Возачите често со задоволство даваат повратни информации и придонесуваат. Посветувањето внимание на повратните информации од возачите е од суштинско значење, да постои чувство дека нивниот глас е слушнат и земен предвид. Особено во однос на типовите проблеми и предизвици со коишто се соочуваат за времена нивниот работен ден“, вели Делфин.
2. Избор и одлики на камионот. Советите и препораките од возачите во врска со барањата за одлики на камионот и целокупните избори при производството се од клучно значење. Посветете внимание на она што може да недостасува и давајте конструктивни предлози за тоа кога и зошто предлозите на возачите може или не можат да се исполнат.
3. Награди и стимулации. Стимулациите се од клучно значење. Кога станува збор за потрошувачката на гориво или батерија, на пример, повеќето оператори имаат високо поставени цели и амбиции. „Можеме да видиме општ недостаток на стимулации и позитивни повратни информации. Возачите почесто се критикувани кога не успеваат да ги постигнат целите, но помалку се зборува кога продолжуваат да ги исполнуваат своите цели или ги надминуваат истите“, вели Делфин.
Првиот и најважен аспект е недостатокот на возачи и зголемениот кусок на возачи. Занемарувањето на приоритетите и проблемите на возачите не значи само притисок врз нив, туку тоа може да значи и одбивање на потенцијалните клиенти. Тоа може да создаде проблеми во планирањето и, на крајот, да доведе до финансиски загуби.
Според Делфин Мори, постојат неколку други стимулации што ќе ви помогнат да ги задржите најдобрите возачи. За да ги задржите оние што се постојано успешни во работата, вложете напор и бидете сигурна и безбедна опција за вашите клиенти. Определени патувања се понапорни од други и клиентите можеби претпочитаат некои возачи во однос на други.
„Вашите возачи се имиџот на вашиот бренд; тие се лицето на вашиот бизнис пред клиентите секој ден. На крајот, најдобрите возачи придонесуваат за целокупниот развој на вашиот бизнис. Но, подеднакво е важно за нив да знаат што да очекуваат. Понудете им насоки на возачите и дајте им можност да се подобруваат“, вели Делфин.
Кога се прашани или за најважната работа, или за главната слабост на нивниот камион, возачите често пати зборуваат за удобноста***. Ова може да се материјализира како удобност на возачот (седиште, позиција), удобност при работа (управување, менување брзини) и удобност при одморање (кревет, складирање). Овие аспекти во моментов не се испорачуваат со највисоките степени на задоволство за возачите: главните проблеми се пристапот до кабината, прегледноста и безбедноста.
.
Возачите ја гледаат безбедноста како главна тема што ќе влијае врз нивната работа во иднина. Оваа тема исто така може да има повеќе форми, како што се безбедноста на возачот и сигурноста на камионот: некои аспекти, како личната безбедност, изгледа дека предизвикуваат поголема загриженост кај меѓународните возачи.
„За да се справиме со овие проблематични точки што постојано се враќаат во истражувачките студии, важно е да се има постојан дијалог со вашите возачи. Повратните информации, проактивноста и очекувањата на возачите не треба да се потценуваат“, рече Делфин.
Тука можете да дознаете повеќе за поддршката и развојот на возачите.
*Меѓународен синдикат за патен транспорт. Земји во кои е спроведено истражувањето: САД, Мексико, Аргентина, Европа (Шпанија, Италија, Франција, Велика Британија, Ирска, Германија, Полска, Романија, Белгија, Холандија), Евроазија (Русија, Узбекистан, Украина), Турција, Иран, Кина
**Испитаници од 16 националности: Португалија, Шпанија, Франција, Германија, Белгија, Холандија, Шведска, Данска, Полска, Република Чешка, Словенија, Литванија, Естонија, Романија, Бугарија, Унгарија.
*** Интерна онлајн студија на Volvo Research со 517 возачи на камиони во Франција, Германија и Англија.